Свет

Зголемени тензии на Блискиот Исток, се стравува од прелевање на конфликтот

05.01.2024 12:08

Сè поизвесно станува дека конфликтот во појасот Газа и последните случувања во регионот ќе го запалат Блискиот Исток. Американскиот државен секретар Блинкен во обид да спречи ширење на конфликтот. Борбите во Газа продолжуваат да се разгоруваат, населението-стравува и гладува …

Водачот на проиранската вооружена група кој учествувал во нападите врз американските сили, е убиен во централен Багдад во американски воздушен напад.

„Американските сили презедоа неопходна и пропорционална акција против водачот на Харакат, Ал-Нуџаба кој беше активно вклучен во планирањето и извршувањето напади против американскиот персонал. Важно е да се напомене дека нападот е преземен во самоодбрана и ниту еден цивил не е повреден“, изјави Генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Нападот е извршен во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, поттикнати од војната меѓу Израел и Хамас. Американскиот државен секретар Блинкен замина во посета на регионот во обид да спречи ширење на конфликтот.

„Секретарот ќе разговара за конкретни чекори што може да ги преземат страните, и како да го искористат своето влијание врз другите во регионот за да избегнат ескалација. Тоа не е во ничиј интерес, не на Израел, не на регионот, не и на светот“, изјави Метју Милер, портпарол на Белата куќа.

Во палестинската енклава борбите беснеат. Израелската војска ги уништува локациите за лансирањее ракети во јужен Кан Јунис. Извршена рација во базата на Хамас.

„Базата на Хамас вклучува разгранета подземна мрежа поврзана со подземна фабрика за производство на оружје која со години служеше за извршување терористички операции врз Израел. Уништувањето и намалувањето на способноста на Хамас продолжува да биде една од нашите цели“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Во услови на оскудни резерви и разгорени борби, раселените семејства не знаат како ќе го обезбедат наредниот оброк. Меѓународните организации предупредуваат за вложување на хуманитарната помош.

„Мајка сум на шест девојчиња и можеби тоа ми отежнува да набавам храна, па дури и вода. Но исто така, нема ниту огревно дрво. Дури и лекот што сакате да го набавите е речиси невозможно“, вели Маџеда Абу Џарад, раселено лице од Беит Ханун.

Според податоците на ОН, една четвртина од населението во Газа гладува, мнозинството болници не функционира, а речиси 85 насто од населението е принудено да ги напушти домовите поради борбите.

Бојана Крстевски