Во Украина мирот не е на повидок
И по речиси две години војна, во Украина мирот не е на повидок. Киев доби од Германија нова пратка воена помош, дел од петте милијарди евра предвидени од Берлин годинава. Нема волшебно стапче, доколку биде блокирана американската помош за Украина, посочија од Стејт департментот. Во рускиот пограничен град Белгород, денови на траур поради цивилните жртви во украинскиот напад извршен пред Нова година, украинските градови мета на руските проектили.

И додека Вашингтон сè уште се соочува со предизвикот од обезбедување воена помош за Украина, Европа во почетокот од годинава побрза да го преземе досегашниот американски примат. Германија испрати најнов пакет воена опрема од противвоздушни проектили, артилериска муниција, борбени пешадиски возила, радари и камиони. На Киев најмногу му недостига муницијата, Берлин испорачува гранати за тенковите „Леопард“, дел од помошта од повеќе од пет милијарди евра годинава и речиси 11 милијарди во наредните години. Нема повидок за запирањето на војната којашто во февруари заокружува две години.
„Цел еден тим на дипломати, сите одговорни за комуникација со партнерите, прават се за испорака на дополнителни воздушни системи и проектили. Ова ни е приоритет број еден. Артилерија, опрема за електронско набљудување, дронови и друго. Месецов ќе имаме важни разговори со нашите партнери“, изјави Володимир Зеленски претседател на Украина.
По руските интензивни напади на украинските градови, на 10 јануари генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, ќе организира состанок меѓу дипломатите од Киев и на Алијансата.
Загинуваат цивили и од двете страни. Пет дена од украинскиот напад врз рускиот пограничен град Белгород, жителите се во траор.
„Имаше тело таму, второто беше онаму и млад човек имаше на тротоарот“, изјави жител на Белгород.
„Убијци!!! Убиваат цивили, убија млада мајка токму пред мене“, рече жител на Белгород.
Руската одмазда за нападот не прави разлика меѓу воените и цивилните цели, велат во Обединетите нации.
„Нападите и непријателствата продолжиле, гранатиран е градот Кропивницкиј во центарот на Украина, жителите се без вода и струја. Нападите урнале домови и училишта во регионот суми на северот на земјата, има жртви и повредени. Од крајот на годината досега се уништени 10 здравствени установи и осум училишта“, изјави Стефани Тремблеј помошник-портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.
Шефот на руската дипломатија Лавров, уште еднаш изјави дека Зеленски не посакува мир во земјата. Путин го потпиша и указот за издавање на државјанство на странците, кои ќе служат воен рок во руската војска.
Зоран Богатинов
