Кочани

Само 35 бебиња се родиле лани во кочанската болница, за две третини помалку од 2022 година

05.01.2024 14:00

Првото бебе од Кочани се роди на 1-ви јануари во Скопје. Првото бебе во кочанската болница се роди на трети јануари како трета рожба на семејството Постолови од виничко Градец. Кочанската болница повеќе од една година има само еден гинеколог акушер.

Нискиот наталитет но и недостигот од лекарски кадар резултираа со само 35 бебиња родени во кочанската болница минатата година. Општата болница со проширена дејност е со само еден гинеколог и осум сестри акушерки повеќе од една година, заради што најголем дел од пациентките одат во други јавни и приватни клиники.

Состојбата со кадарот ќе се подобри на крајот на годината кога завршува специјализацијата на три докторки, а во меѓувреме се очекува помош од специјалисти од Клиничкиот центар од Скопје.

Минатата година во Одделението за гинекологија во болницата во Кочани се извршени околу 1.900 прегледи, а 240 пациентки биле хоспитализирани. Карцином е дијагностициран кај 16 пациентки, за десет повеќе од предминатата година.

 

Славица Величковска