Кобни повреди!
Повредите се составен дел од фудбалот, но особено болат оние што ги оддалечуваат играчите од најголемиот настан, Светското првенство. Ројс и Широков, а многу веројатно и Прањиќ нема да играа на мундијалот во Бразил...

Германскиот репрезентативец Марко Ројс сериозно го повреди зглобот на левата нога на вчерашниот пријателски натпревар со Ерменија. Да биде малерот поголем, несреќната ситуација се случи токму кога се очекуваше судијата од означи крај на првото полувреме и тоа на последниот подготвителен натпревар на Германија пред заминувањето за Бразил.
Иако фудбалерот на Борусија Дортмунд Ројс е офанзивец ќе го замени одбранбен фудбалер и тоа Шкодран Мустафи од Сампдорија.
„На позицијата на Ројс имаме квалитетни играчи, па затоа го повикав дефанзивецот Мустафи“, изјави селекторот на Германија, Јоаким Лев.
Слична е и судбината на хрватскиот лев бек, Даниел Прањиќ. Во натпреварот со Австралија, Прањиќ се повреди во дуел со фудбалер од хрватско потекло Иван Фрањиќ. Проценката се уште не е стопроцентно потврдена, но најверојатно Прањиќ нема да игра на претстојниот Светски шампионат. Тоа е дополнителен проблем за хрватскиот стратег Нико Ковач затоа што дефанзивата лева позиција беше најпроблематична и Прањиќ беше изнудено решение. Преостанатиот дел од мечот со Австралија на тоа место го одигра Шиме Врсаљко.
Иако повреден влезе во составот од 23-ца фудбалери, но сепак Русинот Роман Широков нема да може да настапи на мундијалот. Предводникот на „Зборнаја“, Фабио Капело беше трпелив со Широков, но сепак играчот за врска не само што не заздрави од повредата на лигаментите на коленото, туку в понеделник ќе мора да оди на операција во Финска.
„Широков е многу важен играч за Русија, но без разлика на неговото отсуство се надевам дека другите фудбалери ќе бидат во можност да одиграат на високо ниво“, изјави Капело.
Италијанецот ќе ја искористи можноста за замена, којашто ФИФА ја дозволува само во вакви и слични ситуации и на местото на Широков во Бразил ќе патува Павел Могилеветс од Рубин.
