Граѓаните кои користат штетен отпад за затоплување, најмногу загадуваат- велат од Инспекторатот
Магла и непријатен мирис на чад. Загадени поголем број општини во државава. Надлежните прстот го вперија во домаќинствата. Велат, индустријата многу помалку влијае на загадувањето…

Во првите неколку денови од годината најголемите индустриски капацитети не работат или се со преполовен капацитет, а воздухот повторно е многу загаден. ПМ-10 честичките го наминаа прагот на алармирање. Од Инспекторатот за животна средина велат, граѓаните кои користат пластика и друг штетен отпад за затоплување на домовите, најмногу придонесуваат за загадување на воздухот. Да се усвои правилникот за цврсти горива – апелира директорот Стојковски, со него ќе се регулира какви дрва, пелети можат да горат домаќинствата и фирмите.
Инспекторатот предупредува-при издавање градежни дозволи градот и општините да го запазат законот кој предвидува секоја парцела да има 20 проценти зеленило. Граѓаните реагираат дека секоја година е исто, а решение за проблемот нема.
И годинава Инспекторатот за животна средина нема да го надмине проблемот со слабата екипираност. Работат 24 инспектори, половина се пред пензија. За неколку години цели региони ќе останат без инспектори. Барањето за нови вработени е одбиено од Министерството за финансии. Буџетот на инспекторатот е намален за 600 илјади денари и изнесува 35,7 милиони денари.
Андријана Ѓурческа
