По 52 дена, воспоставен е железничкиот сообраќај на релацијата Велес – Гевгелија
Железничкиот мост на реката Црна кај Стоби е саниран и е повторно во функција. Од попладнево по него минуваат патнички и товарни возови. Првичните проценки се дека од застојот во товарниот сообраќај во изминатите 52 дена, Македонски железници инфраструктура загуби 1,5 милиони евра …

Воспоставен е железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Гевгелија, откако беше саниран железничкиот мост на реката Црна. Испитувањата извршени по санацијата, покажаа дека тој може да го издржи товарот од возовите кои секојдневно минуваат на оваа релација.
Изведувач на градежните работи на железничкиот мост беше фирмата „Синтек инженеринг“ од Скопје, која за 37 дена го санираше мостот, наспроти рокот од 45 дена. Таа го санираше и првиот оштетен столб, што се случи есента 2018-та година. Мостот од надојдената река бил попуштен 24 сантиметри. Но, според стручните лица, и покрај санацијата на овој мост, ќе мора да се гради нов, во близина на постојниот.
По 52 дена пауза, повторно е воспоставен сообраќајот од Солунското пристаниште за Средна Европа, за што се користеше алтернативен превоз преку Бугарија. Според првичните проценки Македонски железници Инфраструктура секојдневно трпеше загуби од 30 илјади евра или вкупно околу 1,5 милиони евра, од приход од транспортот на стоки кој требаше да се реализира.
Петар Печков
