Македонија

ОЈО чека кривични пријави од МВР по вчерашниот упад во објектот на Контролата на летање

05.01.2024 17:13

Обвинителството чека кривични пријави од МВР по вчерашниот упад во објектот на Контролата на летање на скопскиот аеродром и нападот врз вработени, меѓу кои и контролори на летање...

Нема да има компромис за безбедноста на патниците на македонското небо, порача министерката за одбрана Петровска. Ги повика и политичките актери да не ги користат вработувањата, ниту вработените во оваа институција за остварување на својата лична агенда.

За упадот во објектот на Контролата на летање МВР трага по уште неколку лица. Петмина веќе беа на информативен разговор во полициска станица. Меѓу нив службен разговор и со Беким Незири кој им ја отворил вратата на Радарската кула и овозможил невработени лица да влезат во зградата на М-НАВ.

Од скопското Обвинителство велат дека се преземаат сите дејствија за расчистување на настанот. Се чека кривични пријави од МВР по вчерашниот упад во објектот на Контролата на летање на скопскиот аеродром и нападот врз вработени, меѓу кои и контролори на летање.

„Се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје откако ќе ги добие кривичните пријави од МВР ќе постапува понатаму, а за натамошните текови ќе биде известена и јавноста“, се вели во соопштението од ОЈО.

Директорот на М-НАВ, Хамиди вели дека упадот бил немил настан, кој не требало да се случи. Тврди дека било конфликт меѓу двајца колеги. Негира дека се видел со Беким Незири, кој ги внел напаѓачите во институцијата, а се од иста политичка партија.

 

Ана Јосифоска Тодоровска