Шекспировиот „Глоуб“ на древната Хераклеа

07.06.2014 16:00

По синоќешниот спектакл во новиот театар во скопје, шекспировиот „Глоуб“ театар го наполни амфитеатарот на древната Хераклеа кај Битола. Повеќе стотици гледачи беа одушевени од маестралната изведба на „Хамлет“. Македонија е 25-тата дестинација на англискиот патувачки ансамбл, а битолскиот театар е стариот пријател кој пред една година гостуваше кај нив...

Моќно одекна најпознатата реплика „да се биде или не“ под ѕидините на античкиот град Хераклеа кај Битола, како најафтентичен простор за шекспировиот Хамлет. Англиската театарска атракција „Глоуб“ ги исполни камените седишта на прастариот амфитетеатар  и заигра во простор кој најмногу и приличи на една ваква театарска група или трупа, сеедно, но сепак театар со врвни артисти кои најдобро умеат да ги пренесат карактеристиките на Шекспировите ликови. Публиката, меѓу која велат имало и гости од соседна Грција, одушевено го дочекаа спектаклот.

Под ѕвезденото небо на прастарата Хераклеа продолжија репликите на трагичниот Хамлет.

„Глоуб“  театрот ја зацрта трасата на својата турнеја која ќе трае две години. На овој начин ја одбележуваат 450 годишнината од раѓањето на својот омилен автор.

Македонија е нивната 25-та станица, а по спектакуларниот настап на сцената на новиот национален театар во Скопје, предизвик им беше Битола, во која најдоа инспиративна сцена, но истовремено ја возвратија посетата на битолскиот театар кој во Лондон настапи лани.

Англиската трупа, која најчесто игра под отворено небо, ќе продолжи да ги оживува шекспировите ликови   на следните дестинации, а Македонската публика уште долго ќе се сеќава на доживувањето од нивниот настап, истовремено покажувајќи дека е публика која знае да ги препознае вистинските културни вредности.

 

 

Јованчо Наумоски