Реакции за инцидентот во контролата на летање
Функционерот на ДУИ, Беким Незири и уште тројца осомничени за насилниот упад во кулата на контролата за летање, барем засега куртулија од притвор. Судот доцна во ноќта им изрече само мерки за претпазливост, иако обвинителството бараше да завршат зад решетки зашто ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај. Обвинителството се жали на одлуката на судијата на претходна постапка. По четворица осомничени сè уште се трага.

Обвинителството се жали на одлуката на судијата на претходна постапка, со којашто на осомничените за насилниот упад во контролата на летање им се определени само мерки за претпазливост.
Четворицата осомничени, меѓу кои и функционерот на ДУИ и вработен во М-НАВ, Беким Незири не се во притвор, иако обвинителството побара да завршат зад решетки зашто ја загрозиле безбедноста на воздушниот сообраќај.
„На осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, забрана за комуникација со отштетниот, како и меѓусебна комуникација“, соопшти Кривичниот суд.
Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против вкупно осуммина, од кои четворица сè уште се во бегство поради сомнение дека кривично дело – „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“.
Одлуката да не им биде определен притвор наиде на големи реакции во јавноста. Според првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој порано работел во М-НАВ, недозволиво е во објект од критичната инфраструктура да затаи обезбедувањето.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за време на инцидентот, еден од нападнатите паднал врз апаратурата, а во моментот имало 40-ина авиони на македонското небо.
Претседателот на Синдикатот Тасевски очекува Владата да се држи до најавата и да го разреши раководството на М-НАВ. Тоа треба да се случи на седницата во вторник. Премиерот Ковачевски го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ. Доколку тоа не се случи, синдикалците се заканија со штрајк.
Игор Панов
