Македонија

Меѓународна потерница по Исмет Гури

06.01.2024 20:12

Распишана потерница по Исмет Гури. Поранешниот заменик-директор на УЈП и некогашен функционер на ДУИ побегнал откако куќниот му бил заменет со затворски притвор во Шутка.

Откако при проверка полицијата не го нашла Исмет Гури на адресата каде требаше да си го издржува куќниот притвор, го алармирала Кривичниот суд. Од судот посочуваат дека по Гури, кој веќе е сигурно дека избегал е распишана меѓународна потерница.

Исмет Гури побегнал од куќен притвор, констатирале полициските службеници по спроведената проверка. Ова се случило откако обвинителството по жалба побарало куќниот притвор да му се преиначи во ефективен притвор, во затворот во Шутка.

Советот од тројца судии во Кривичниот суд му ја одредил оваа мерка, но полициските службеници не можеле да ја спроведат, бидејќи Гури веќе не бил на адресата каде го издржувал куќниот притвор. По него е распишана потерница, а од Министерството за внатрешни работи, велат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.

Според обвинението за делото за кое му е изречена мерката, Гури разработил и применувал повеќегодишната шема на чело на злосторничкото здружение во управата за јавни приходи, при што биле оштетени големи фирми за околу 2 милиона евра. Со дел од осомничените, формирале фирми на кои им давале фиктивни потврди од УЈП дека преку нив други фирми можат да пребијат данок.

Претходно во повторено судење Кривичниот суд неправосилно ги осуди Исмет Гури и Ејуп Алими, на по три години и шест месеци затвор за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир во 2013 година. Исто толку заработија и со пресудата во март 2020, која ја укина скопска апелација и го врати предметот „Титаник 3“ на повторно судење.

Гури до оваа пресуда беше заменик-управник во УЈП. Лани од ДУИ премина во огнената група на Изет Меџити, која подоцна ја формираше партијата демократско движење.

 

Фиљана Кока