Печалбарите најбројни во Струга
Овој период од годината во Струга најбројни се печалбарите, кои традиционално празниците ги минуваат во родниот крај. Во градот се чувствува зголемена раздвиженост. Иселениците се двигател на локалната економија, редовно доаѓаат и за новогодишните, божиќните, велигденските и рамазанските празници.

Во отсуство на домашни и странски туристи, јануарската сезона во Струга ја спасуваат печалбарите. Голем број иселеници, претежно од западноевропските земји празниците традиционално ги минуваат во родниот крај. Деновиве зголемена фреквенција се забележува во струшката чаршија, низ улиците и патиштата, долгите колони возила се карактеристична слика за влез и излез од Струга.
„Доаѓаат, преполно е тука со иселеници, ретко кој не доаѓа за празниците“.
„Има дојдено многу, сега ќе се враќаат назад“.
„Печалбарите доаѓаат, да не идат тие Струга е нула. Сите си заминаа и млади и возрасни. Си заминуваат нема средства нема работа. И младите заминуваат затоа за да ги помагаат старите“.
Во градот се чувствува зголемена раздвиженост. Струшките дуќанџии се задоволни. Велат иселениците се двигател на локалната економија, редовно доаѓаат за Новогодишните, Божикните, Велигденските и Рамазанските празници.
„Пазарат, купуваат тука ја помагаат македонската економија и во Струга“.
„Важни се, носат пари од странство и доаѓаат доста“.
„Печалбарите се важни за државата без нив нема живот да не се печалбарите овде готово не се живее“.
Струга не може да се пофали со голем број туристи како Охрид во зимската сезона, печалбарите ја спасуваат економијата.
Соња Рилковска
