Правна битка меѓу Обвинителство и Кривичен суд
Правна битка меѓу судските органи за упадот во македонска навигација. Ги приложивме сите докази дека има опасност од бегство, уништување докази и влијание на сведоци, ова е ставот на обвинителството по тврдењето на Кривичниот суд дека нема доволно доказен материјал поради што се определени мерки претпазливост, наместо притвор за осомничените. Според судот, случајот допрвин ќе се истражува. Велат, инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство не покажал нарушување или сериозен инцидент со загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Немало докази од обвинителството за посоченото кривично дело – се огласи судот по реакциите во јавноста. Поради неодредувањето притвор на Беким Незири и тројцата други осомничени за упадот во кулата на Македонска навигација. Од судот образложуваат лицата се товарат за извршување дело:
„Со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“, стои во соопштението од Кривичен.
Судија на претходна постапка оценил дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но тие не се во контекст на наведеното кривично дело па предлогот на јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело.
Судот тврди дека обвинителството не доставило медицинска документација за наводно предизвиканите повреди. Нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред обвинителството, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата.
Ниту вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство покажал нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, ниту има пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, велат од Кривичен. Обвинителството во жалбата ги образложило причините поради кои бара судот да им одреди притвор на осомничените.
Приложени се сите докази дека постои можност тие да се дадат во бегство да влијаат на сведоците и да го повторат делото, реагира обвинителството. Во однос на обележјата на кривичното дело тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај и не е неопходно да настапила катастрофална последица, додаваат оттаму. Инаку по добиената жалба од обвинителството за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката.
Фиљана Кока
