Порошенко вети единство и мир, но не го дава Крим!
Имаше реакции и обвинувања - Порошенко е првиот претседател што проговори на руски во Врховната Рада во обраќањето кон жителите на регионот Донбас...

Со раката на Библијата, петтиот постсоветски претседател на Украина, тајкунот Петро Порошенко положи заклетва пред парламентот. Неговиот инаугурациски говор беше пречекан со стоечки овации.
„Ја прифаќам функцијата Претседател на Украина за да ја чувам и да ја зацврстам Украина“, изјави Порошенко.
Имаше реакции и обвинувања - Порошенко е првиот претседател што проговори на руски во Врховната Рада во обраќањето кон жителите на регионот Донбас.
„Што ќе донесам кога ќе дојдам во најскоро време? Мир. Предлог резолуција за децентрализација. Гаранција за употребата на рускиот јазик во вашиот регион“, рече Порошенко.
Главната точка на мировниот план на Порошенко е украинското единство. Порача дека не сака војна или одмазда, но и дека Крим секогаш ќе биде украинска земја, а иднината на Украина е во Европската Унија – истото што му го кажа на рускиот претседател Путин на вчерашното одбележување на Десантот на Нормандија. Според аналитичарите, реакциите на локалните коментатори и блогери се главно позитивни.
„Ја помниме изјавата на Порошенко за поплочување на патот и продажба на неговиот бизнис. Ако ги претвори зборовите во дела – јас сум за него“, смета Андриј Кома, Совет за координација на Мајданот.
Силниот говор руските сепаратисти и населението на истокот го примија со сомнежи.
„Дијалог со Порошенко е можен само по повлекувањето на војската и размената на затвореници. Ако доаѓа, ќе мора да има обезбедување за да не го растргнат на делчиња роднините и блиските на загинатите“,Денис Пушилин, претседател на Советот на Доњецката народна република.
Рускиот амбасадор во Украина го оцени говорот како „ветувачка намера“ и апелираше за прекин на огнот и хуманитарен коридор. На инаугурацијата присуствуваше американска делегација предводена од републиканскиот сенатор Меккејн и заменик државниот секретар Нуланд.
Ивана Салтировска
