Климатски промени

Научници и екологисти алармираат за глобалното затоплување

08.01.2024 10:52

Војни, економска и енергетска криза, светот како да нема време за најважната работа за човекот, зачувување на планетата земја. Минатиот јули прогласен за најтоплиот месец во изминатите 120 илјади години. Научници, екологисти – го вклучија црвениот аларм за глобалното затоплување. Од Обединетите нации повик до светските лидери да пронајдат начин за намалување на стакленичките гасови.

Предупредувањата на научниците за опасноста од климатските промени, повеќе не се далечна закана за човештвото. Смртоносни топлотни бранови, апокалиптични поплави, разорни земјотреси, силни ветришта, пожари од големи размери. Светот сведочеше за вакви екстерни временски услови. 2023-та е прогласена за најтоплата година во историјата. За спас на планетата земја, повеќе нема ниту минута време, потребно е да се дејствува сега и веднаш, повик од Обединетите нации.

„Лидерите мора веднаш драстично да ја променат својата игра, да преземат акција за рекордно намалување на емисиите. Следниот круг на национални климатски планови ќе биде клучен. Овие планови мора да бидат поддржани со финансии, технологија, поддршка и партнерства. Задача на лидерите на коп28 е да се погрешат тоа да се исполни“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на Обединетите нации.

Најзагрижувачки податоци научниците забележаа во минатиот јули за кој се вели дека е најтоплиот месец во последните 120 илјади години. Високите температури предизвикаа сериозни проблеми, носејќи екстремни суши, шумски пожари и недостиг на вода за пиење. Медитеранот беше погоден од долг топлотен бран со температура која на некои места достигна и до над 50 степени. Градот Лахаина на Хаваите беше речиси целосно проголтан од огнена стихија. Катастрофалните поплави во Либија однесоа илјадници животи, милиони луѓе останаа без своите домови.

„Не бевме, не бевме подготвени за она што го видовме. Она што го видовме изгледаше како област која била бомбардирана и запалена во воена зона. никогаш не сум видел вакво“, изјави Ричи Олстен, air maui helicopters.

„Ова е мојата куќа. Всушност ова е пепелта, остатоците од мојата куќа“, изјави Сиднеј Карни, жител на Лахаина.

„Големата брана на Дерна се сруши, водата достигна околу 20 метри височина, додека носеше кал со себе. поплавени беа згради и домови, сите загинаа сите, до нас има фарми, жално е и за животните“, изјави Муса Ибрахим, преживеан во поплавите во Либија.

Активистите за животната средина се, се погласни, научниците се позагрижени, но свеста за оваа круцијална борба се чини многу ниска кај најодговорните за забрзаната индустријализација и загрозувањето на нашата планета.

„Предупредуваме дека веќе видовме зголемување на трендот на екстремни бури во Атлантикот. И доколку не го промениме нашето однесување, ако не работиме на намалувањето на емисиите, овој трендот веројатно ќе продолжи да расте“, изјави Андра Гарнер – климатски научник на универзитетот Роуан.

Во новата 2024 година – силен земјотрес во Јапонија, екстремно ниски температури во скандинавските земји, големи поплави во Велика Британија. Научниците прогнозираат дека високите температури нема да изостанат и годинава. Останува сериозниот предизвик со кои се соочува светот за справување со климатските промени, намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување штетни ефекти врз животната средина.

 

 

Маја Стојанова