Протести во Израел против владата на Нетанјаху
Приоритет број еден на Вашингтон е да се спречи ширење на конфликтот на Блискиот Исток. Продолжуваат дипломатските напори на американскиот државен секретар на Блинкен. Израелската армија потврди дека погодила над 30 цели на Хамас во Кан Јунис, а изминатите денови извршила серија воздушни напади врз локациите на Хезболах во Либан. Протести во Тел Авив против владата на Нетанјаху.

Израелската армија потврди дека за време на воздушните напади во Кан Јунис погодила 30 важни локации на Хамас. Целите биле подземни премини, складишта за оружје и друга инфраструктура. Тел Авив објави дека изминатите денови извршила серија воздушни напади врз локациите на Хезболах во Либан.
„Нападнавме значителни воени средства на Хезболах во комплексот, кој го користеше ракетната единица земја-воздух. Елиминиравме седуммина терористи, од кои некои нападнаа на нашата територија. Некои немаа време да лансираат оружје и беа елиминирани“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Процена на одбранбената разузнавачка агенција во Вашингтон покажува дека на израелските сили ќе им биде тешко да успеат во војна на два фронта против Хамас во Газа и Хезболах во Либан, објави Вашингтон пост. Во посета на Блискиот Исток е американскиот државен секретар Блинкен.
„Од првиот ден, меѓу другите приоритети, ние бевме интензивно фокусирани да спречиме ширење на конфликтот. Тоа е главен фокус на мојата четврта посета на регионот од 7-ми октомври. Тоа беше во центарот на разговорите вчера со претседателот Ердоган и премиерот Мицотакис, со кралот Абдула во Јордан и на средбите што ги имав со емирот од Катар и со премиерот Ал Тани“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Од Хамас ја повика американската администрација да ја разгледа поддршката за Израел во тековната војна во Газа.
„Во време кога секретарот Блинкен го посетува регионот, ние ја повикуваме американската администрација да спроведе сеопфатен и реален преглед на американските политики што се протегаа во период од три месеци“, изјави Осама Хамдан, висок претставник на Хамас.
Десетици луѓе излегоа на протест пред Кнесет во Ерусалим, повикувајќи ја владата да си даде оставка и да распише нови избори. Демонстрантите велат дека секоја надеж дека владата на Нетанјаху ќе биде на висината на задачата во врска со вонредната состојба е уништена и нанесена е голема штета на меѓународниот углед на Израел.
Маријана Димовска
