Нова Влада до крајот на месецов- сè поизвесни рокади!
Се поизвесно, според неофицијални информации, интегративците се откажуваат од министерството за одбрана за сметка на министерството за образование. Ќе има смена и ќе бидат поставени нови министри во ресори кои и досега им припаѓаа на интегративците...

Утре истекува законскиот рок во кој мандатарот за формирање на новата Влада, Никола Груевски треба да го достави до Собранието предлогот за конституирање на новата Влада.
Потоа во рок од 15 дена, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски треба да свика седница на која новиот парламентарен состав ќе дискутира за доставените предлози.
Рокот за дискусија е 48 часа, при што по истекот на вториот ден до полноќ Собранието ќе гласа за предложените министри.
Од најголемата политичка партија, се уште не соопштуваат кои се нивните избори за челните министерски позиции. Во редот на ВМРО-ДПМНЕ, конфигурацијата останува во речиси 90% непроменета. Неофицијално, смена е најавена во секторот земјоделие – рекор кој припаѓа на социјалистичката партија.
Поголеми рокади се очекуваат за позициите со кои располага коалицискиот партнер ДУИ.
Се поизвесно, според неофицијални информации, интегративците се откажуваат од министерството за одбрана за сметка на министерството за образование. Ќе има смена и ќе бидат поставени нови министри во ресори кои и досега им припаѓаа на интегративците.
Кој ќе биде изборот на партијата за челните фотељи ќе се знае подоцна кога ќе заврши седницата на централниот совет на ДУИ кадешто се гласа за претседателство на партијата и за министри.
ВМРО –ДПМНЕ ќе го соопшти својот избор по завршување на седницата на Извршниот Комитет.
Според сите податоци и проценки, Македонија ќе ја добие новата влада до крајот на месецов.
Анита Димитријевска
