Охрид има потенцијал за верски туризам, потребна е промоција
На Охрид му е потребна светска промоција како атрактивна туристичка дестинација за верски туризам. На тој начин градот ќе се најде на светските културни мапи кои се посетуваат во текот на целата година, што од друга страна ќе придонесе за продолжување на туристичката сезона …

Охрид во светот е препознатлив како град со 365 цркви, а е меѓу ретките во кои опстојувале тројца светци кои оставиле длабоки траги во една вера, што е огромна цивилизациска придобивка. Поради тоа, но и како град од каде што потекнала словенската култура и писменост има огромни можности за развој на религискиот туризам со големото специфично материјално и духовно наследство.
„Охрид треба да биде на мапата на светските верски одредишта затоа што има потенцијал. Треба само да се систематизира и во комбинација со креативните индустрии, преку промотивната улога на духовното наследство да биде еден вид на атрактор за многу меѓународни туристички посети“, изјави проф. д-р Сашо Коруноски од Факултет за туризам и угостителство Охрид.
На Охрид му е потребна поголема промоција за да се најде помеѓу најзначајните светски престолнини на религискиот туризам, вели Коруноски.
„Можам да речам го вбројуваат Охрид во европската и светската мапа на градови со такви манифестации како што се Божиќ и Богојавление Водици. Трошоците за ваквите манифестации не се мали и често ефектите во туризмот не ги покриваат нив, но тие имаат свој придонес преку нивната промотивна вредност“, изјави проф. д-р Сашо Коруноски од Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
Најголемите верски празници се во текот на зимските и пролетните месеци, надвор од туристичката сезона.
Поради тоа е многу важно да се привлечат што поголем број приврзаници на религиозниот туризам во тој период од годината, со што ќе се продолжи туристичката сезона.
Сашо Нелоски
