Одбраната на таткото на убиената Вања поднесе жалба за притворот
Одбраната на Александар Ѓорчевски поднесе жалба до Апелација за притворот. Адвокатот Владимир Туфегџиќ ќе бара и Јавното обвинителство да објасни, зошто неговиот клиент сè уште не бил повикан на распит. Одбраната бара одговори од Обвинителството и за снимките што ги објавува српскиот политичар Ного...

Одбраната на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, побара да му се замени затворскиот со куќен притвор. До скопска Апелација жалбата ја достави неговиот адвокат. Во писмената изјава за медиумите Владимир Туфегџиќ ги потенцираше и забелешките дека таткото на убиената Вања, иако дал исказ во предистрага, сè уште не е повикан на распит. Смета дека кон еден од осомничените, во случајов таткото на малолетната Вања, нема основа за ниту една мерка, а со куќниот притвор, вели, ќе се задржи кохезијата на семејството кое е погодено од трагедијата.
„До надлежниот јавен обвинител е доставена ургенција за постапување, со оглед дека лицето има дадено исказ во прелиминарна фаза на предистрага кога му бил одреден краткотраен притвор, за да биде повикано во фаза на истрага да даде целосен исказ, со кој ќе појасни што видел, што слушнал и со кои лица преземал дејствија, за пронаоѓање на неговата ќерка во период од 27-ми ноември, до денот на неговото лишување од слобода. Воедно, како, со кого и на кој начин ги обезбедувал и предавал видеозаписите на полициските службеници, како и за многу други прашања важни за целосно расчистување на овој настан“, вели адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Од Обвинителството, пак, велат дека Ѓорчевски веќе дал исказ, во кој ја негирал неговата инволвираност и какви било сознанија за двојното убиство. И, по повеќе од еден месец од грозоморниот чин, сè уште се во тек истражни дејствија. Наодите од извршената обдукција на телата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се во Обвинителството, оттаму не соопштуваат детали сè додека не почне судскиот процес.
Во врска, пак, со објавените снимки од српски политичар за наводни пропусти во истрагата, од Обвинителството уште еднаш потенцираат, лицата кои објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите.
Пред неколку дена на петмина соучесници во двојното убиство им беше продолжен 30-дневниот притвор. Се чека екстрадицијата на првоосомничениот Љупчо Палевски кој е во притвор Турција.
Андријана Ѓурческа
