Макрон ја менува владата пред изборите за Европскиот парламент
Француската премиерка Елизабет Борн поднесе оставка, додека претседателот Емануел Макрон се обидува да му даде нов поттик на својот втор мандат во пресрет на изборите за Европскиот парламент и Олимписките игри во Париз ова лето. Тој не го именуваше веднаш наследникот на Борн, која заедно со остатокот на владата ќе продолжи да работи до изборот на нова…
Нова година, нова влада, нова метода – оставката на премиерката Елизабет Борн, претседателот Емануел Макрон ја соопшти преку мрежата „Х“. Избрана пред повеќе од една и пол година, Борн е втората жена на премиерската функција во Франција, по Едит Кресон, која ја водеше владата во 1991/92 во времето на Франсоа Митеран.
Таа ги спроведе оспорувани реформи на пензискиот систем и контроверзниот закон за имиграцијата. Во писмото во кое ја објави оставката, Борн кажа дека сега е неопходно повеќе од кога било да се продолжи со реформите, на некој начин жалејќи што не останува и понатаму на функцијата.
Наследникот на Борн беше именуван скоро точно на пладне, а тоа е 34-годишниот министер за образование Габриел Атал, со што тој е најмладиот премиер во историјата на земјата. Промената на премиерот нема нужно да доведе до промена на пристапот на политиката, туку повеќе ќе ја сигнализира желба да се оддалечи од реформите за пензииите и имиграцијата и да се фокусира на нови приоритети, вклучително и постигнување целосна вработеност. Тоа го потврдува и изборот на Атал, кој е политички оформен и еден од најблиските соработници Макрон.
Лоик Сињор, портпарол на „Ренесанса“, вели дека „промената на премиерот е промена на динамиката која ја утврди претседателот Макрон“.
„Од сега па натаму, ќе мораме повторно да го откриеме духот на макронизмот: економијата, социјалата. Сè уште има толку многу пречки што не спречуваат да ја постигнеме нашата цел, која се приближи во последните години, до целосно вработување. За екологијата, никогаш не сме ги намалиле толку многу емисиите на стакленички гасови“, посочува портпаролот на „Ренесанса“, Лоик Сињор.
Според француските набљудувачи, промената на француската влада е избрзана, со оглед на претстојните европски избори на кои е најавен пораз на релативното мнозинство на францускиот претседател Емануел Макрон, по победата на Националниот Фронт, сега Национален собир, што сигурно ќе доведе до нови промени во Француската влада.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
