Стотици трактори на улиците во Берлин, земјоделците се противат на најавените кратења на субвенциите
Стотици трактори на улиците во Берлин. Земјоделците во Германија се противат на најавените кратења на субвенциите за гориво. Нивниот штрајк поттикна и нов бран протести. Незадоволство ќе го искажат и вработените во Железницата, возачите на камионите и работниците во угостителскиот сектор...

Германската престолнина парализирана од тракторите распослани на берлинските улици. Наместо на полињата – земјоделската механизација заврши пред виталните институции во земјата. Владината политика за штедење предизвика историска аграрна револуција во најсилната економија во Европската унија. Земјоделците се противат на најавените кратења на субвенциите за гориво, велат тоа ќе го отежни опстанокот на нивниот бизнис.
„Произведуваме лебна пченица, јачмен, зимско семе од репка, на ниво на светски пазар. Во светот постои пазарна цена, а ако имаме производствен недостиг поради дизелот, повеќе нема да можеме да бидеме конкурентни“, изјави Петер Каим, фармер.
„Го гледам ова, се разбира од призмата на моето семејство, ќе биде многу тешко да го задржиме нашиот бизнис. Ако немате дополнителен приход на страна, ќе биде уште потешко“, изјави Антје Шулц, сопруга на фармер.
„Веќе добиваме значително помалку субвенции, во споредба со пред четити, пет години, и ова планирано намалување навистина ги загрозува нашите фарми“, изјави Стефан Вентше, фармер.
Иако Владата делумно ги укина кратењата на субвенциите, земјоделците остануваат на улиците. Бараат целосно да запре најавеното постепено укинување на даночното олеснување за дизелот до 2027 година, а ослободувањето од данокот за земјоделски моторни возила треба да продолжи да важи долгорочно.
„Фактот што владата еднострано носи одлука за зголемување на даноците за единствената индустрија која е во голема мера климатски неутрална, имено земјоделството главно користи сончева енергија, тоа е навистина нечесно. И се разбира тоа е многу голем економски удар против нас, што беше капката што ја прелеа чашата“, изјави Рајнхард Јунг, портпарол на „Слободни фармери“.
Бунтот на земјоделците поттикна и нов бран протести. Иако не се координирани, секој со своите барања, најавено е и дека на улиците своето незадоволство ќе го искажат и работниците на железницата, возачите на камионите и вработените во угостителскиот сектор.
Маја Стојанова
