Владата одлучува за разрешување на раководството на М-НАВ
Разрешување на раководството на Македонска навигација или затворање на македонското небо за авиосообраќај. Владата денес треба да донесе одлука. На маса и барањето за целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ. Од раководството досега не поднесоа оставка, ја чекаат Владата да пресече. Синдикатот се закани со штрајк…

На владината седница која е во тек се разгледува случувањата од 4-ти јануари. Ќе се носат одлуки за состојбата во М-НАВ како и одлуки за разрешување на тројцата раководители.
Неизвесно е и дали петте министри од ДУИ ќе се согласат тие да бидат разрешени, имајќи го предвид и фактот и партијата и управниот одбор и извршниот директор, Фахрудин Хамиди имаат идентичен став дека инцидентот во просториите на контролата за летање бил „кошкање меѓу колеги“.
Ако до утре не се разрешат тројцата директори на Македонската навигација, од утре ќе се затвори воздушниот сообраќај – најавија од Синдикатот на контролори за летање.
„Се надеваме дека ќе надвладее разумот, дека ќе ја разберат проблематиката поради која дојде до сето ова. Се надевам дека ќе имаат интерес да се отпочне со смирување на состојбата и да почнеме да ги воведуваме Мерит-системите за да можеме како фирма да напредуваме и да нудиме професионални услуги. Ние сме членка на НАТО, поддршка сме им и на воздухопловите на НАТО, на армијата и на полицијата“, вели првиот човек на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски.
Додека Владата одлучува за судбината на Хамиди и колегите, Финансиската полиција денес влегува во М-НАВ за да го испитува работењето на државната компанија. Ќе ја чешлаат документацијата за финансиското работење, најмногу во делот на вработувањата, но и јавните набавки.
Потсетуваме дека во петокот, Основното јавно обвинителство поведе истражна постапка за осум лица кои се сомничат за сторено кривично дело-опасност по безбедноста на воздушниот сообраќај-член 303 став 2 од Кривичниот законик за кој казната е минимум пет години. Од нив само четворица беа приведени во Кривичниот суд, кој им одреди само мерки за претпазливост.
Марина Стојанова-Тонева
