Загина работник во фарма во светиниколско Амзабегово
Државниот инспекторат за труд утре ќе излезе со целосни информации за кобниот настан во фарма во светиниколско Амзабегово, каде вчера работник загина извршувајќи работни задачи, а негов колега се здоби со тешка форма на труење...

Чистењето на септичка јама во свињарска фарма во село Амзабегово, Општина Свети Николе, беше кобно за 46 годишниот О. Т од Амзабегово кој почина на лице место. Неговиот колега во обид да му помогне, се здобил со тешко труење и е на лекување на Клиниката за токсикологија во Скопје. Оттаму информираат дека здравствената состојба му е подобрена и е надвор од животна опасност. Увид на местото на настанот изврши јавен обвинител, увидна екипа од ОВР Свети Николе и инспектор за труд, кој констатирал дека во моментот на несреќата починатиот немал соодветна респираторна заштита.
Првичните наоди се дека вдишувањето на амонијак и други токсични гасови се причина за несреќата, што го отвора прашањето колку работниците во фармите се заштитени на работните места.
Неофицијално, до несреќата дошло откако починатото лице ја отворило решетката која ги поврзува халата со септичката јама каде се излева течниот отпад од свињарската фарма. Течниот отпад го повлекол кон јамата, каде починал.
Славица Величковска
