Правна битка за упадот во М-НАВ, кривичниот совет одлучува по жалбата на ОЈО
Кривичниот совет одлучува за жалбата од Обвинителството по одлуката на Кривичниот суд, наместо притвор да додели мерки на претпазливост за четворицата кои упаднаа во контролната кула на Македонска навигација. Од Управата за финансиска полиција вршат проверки...

Правна битка меѓу судските органи за упадот во Македонска навигација. Кривичниот совет ќе одлучува за жалбата од Јавното обвинителство по одлуката на судот, наместо притвор, на четворицата кои упаднаа во контролната кула на Македонска навигација да им одреди мерки на претпазливост.
Тројцата судии може да ја потврдат одлуката на судија на претходна постапка, или да ја преиначат со нова мерка. Од Кривичен велат дека во фаза на достава е жалбата до странките и по добиен одговор кривичниот совет ќе заседава. Се огласи и Судскиот совет.
„Во врска со последните реакции на јавноста за случајот М-НАВ, Судскиот совет ја известува јавноста дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ја следи работата на судовите“, соопштуваат од Советот.
Од Управата за финансиска полиција вршат проверки во М-НАВ. Од оваа институција велат дека постапуваат врз основа на извештајот што е направен.
„Согласно нашите надлежности ќе извршиме проверки дали има сомнежи за кривични дела. Ќе се прават контроли во финансискиот дел, во процедурите и слично. Ќе постапиме според извештајот што е доставен и согласно надлежностите на Управата за финансиска полиција ќе извршиме контроли и увиди во работењето на М-НАВ“, соопштуваат од Управата за финансиска полиција.
Четворица од напаѓачите се сè уште во бегство. За нив МВР има распишано централна потерница. Обвинителството смета дека со насилниот упад била загрозена безбедноста, Кривичен пак не најде доволно докази.
Ана Јосифоска-Тодоровска
