Даштевски: ДИК може да функционира со шест членови, но пожелно е да се комплетира составот
ДИК продолжува со активностите за спроведување на двојните избори, особено ќе се интензивираат по распишувањето на изборите. ДИК работи и на прочистување на Избирачкиот список, дополнително се екипираат изборните органи, вели претседателот на ДИК Александар Даштевски...

ДИК може да функционира со шест членови, но, сепак пожелно е Собранието да го избере седмиот член за да се комплетира составот за поуспешно работење на ДИК, како од административен, организациски, така и од технички аспект, вели, претседателот на ДИК Александар Даштевски.
ДИК продолжува со активностите за спроведување на двојните избори, особено ќе се интензивираат по распишувањето на изборите.
Првиот човек на највисокото изборно тело вели, 800 милиони денари е иницијалниот буџет на ДИК за двојните избори, но доколку се јави потреба Парламентот може да изгласа одлука и за дополнителни средства. Доцнењето на издавањето на личните документи со новото уставно име, нема да претставува проблем, зашто рокот веројатно ќе им биде продолжен.
Со измените во Изборниот законик по препораките на ОБСЕ и ОДИХР, само ќе се воведат технички новитети во изборната процедура. Останува и гласањето со уредите за биометриска идентификација, зашто се покажа доста ефикасно на локалните избори во 2021 година, додаде претседателот на ДИК.
Игор Панов
