Франција

Габриел Атал нов премиер на Франција

09.01.2024 17:09

По оставката на Елизабет Борн, Франција има нов премиер. Габриел Атал стана најмладиот шеф на влада во историјата на земјата.

На 34 години, досегашниот министер за образование Габриел Атал станува најмладиот премиер на Франција.

„Најмладиот претседател на Републиката во историјата го назначува најмладиот премиер во историјата. Сакам да видам само еден симбол, оној на смелоста и движењето. „Симболот, исто така, и можеби пред сè, на довербата, што им се дава на младите. Оваа генерација за која заслужува неуморно да се бориме“, изјави Габриел Атал.

При примо-предавањето на функцијата, Елизабет Борн му посака успех на Габриел Атал, потсетувајќи дека нејзиното назначување за премиер, таа им го посветила на малите девојчиња „велејќи им да ги следат своите соништа“.

„Мислам дека мојот животен пат покажува дека без оглед на вашата приказна, сè е можно. Останува уште многу пат за еднаквост меѓу жените и мажите. Им велам на сите жени, издржете, иднината ви припаѓа вам“, изјави Борн.

Новиот премиер се наоѓа пред тешка задача да отвори нова страница во петгодишниот мандат на Макрон, по болните епизоди на пензиските реформи и законот за имиграција. Тој, исто така, стана првиот јавно деклариран хомосексуалец шеф на влада.

Макрон на тој начин избра верна личност, со која ќе може да работи до крајот на петгодишниот мандат и која нема да го засени.

Сосема очекувано, политичките фигури во неговиот табор се воодушевени:

„На пример видов како Габриел Атал успеа да усвои буџет без употреба на 49,3 тој ги започна дијалозите на Берси тој е човек на компромис, на консензус, на одржан збор“, рече Матје Лефевр – пратеник Ренесанса.

Реакциите во опозицијата се негативни или внимателни.

„Тоа што и треба на Франција е солиден премиер, што ќе води големи реформи бидејќи има многу предизвици во безбедноста, имиграцијата, невработеноста, задолженоста, јасно е дека претседателот на Републиката нема мнозинство менувањето на премиерот нема да промени многу“, изјави Лоран Жакобел – пратеник на Национален собир.

„Габриел Атал е тука за да ја продолжи истата политика како онаа што ја спроведуваше госпоѓата Борн. Како и во секоја парламентарна демократија, јас барам премиерот да дојде пред Националното собрание и да ја побара доверба од претставниците на народот“, изјави Мануел Бомпар – пратеник Бунтовна Франција.

Атал, според анкетите ужива и најголема популарност кај Французите, знае да владее со социјалните мрежи и телевизиските дебати. Многу комплименти за младиот премиер, коментаторите го поставуваат само прашањето во однос на политичката линија, дали ќе има простор за маневрирање? Ризикот е тој да биде сфатен како клон на Емануел Макрон, односно млад и технократски лидер.

 

Тони Гламчески