Шукова: Членството во ЕУ ќе ни овозможи забрзување на зелената енергетска транзиција и поздрава животна средина

09.01.2024 18:22

Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во рамки на владината кампања „Европска иднина, поблиску од кога било“, одржа панел-дискусија...

Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска во рамки на владината кампања „Европска иднина, поблиску од кога било“, одржа панел-дискусија на тема: „Зелена енергетска транзиција и поздрава животна средина за европска иднина“.

Во насока на исполнување на стратешката определба на Северна Македонија за вклучување во Европската Унија, како и прифаќање на Европскиот зелен договор, како нова стратегија за раст на ЕУ, панелот беше можност за владата, академскиот и цивилниот сектор, секој од свој аспект да говори за своето дејствување и придонес за постигнување на националните цели.

Животната средина е една од најкомплексните области, таа е тесно поврзана со речиси сите други секторски политики и директно влијае врз квалитетот на животот на сегашните и на идните генерации, истакна на панелот министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Определбата на Северна Македонија за членство во ЕУ, отвора нови перспективи и можности потенцираше министерката, клучно е тоа што земјата ќе има пристап до европски фондови инвестициски банки, како и зголемена доверба за пристап до други меѓународни финансиски извори.

Според Александар Дединец од Македонската академија на науките и уметностите, енергетски сектор во Северна Македонија има потенцијал од 11 GW за сончева фотоволтаична енергија и 0.35 GW за енергија од ветер на деградирано и неупотребливо земјиште, со што нашата држава има услови да биде лидер во регионалните напори за декарбонизација.

Потенцијалот на овие соларни електрани може е да произведат електрична енергија колку Северна Македонија да ја дуплира потрошувачката. Според него, ветерните електрани се малку поспецифични и изградбата на најдобри локации може обезбеди производство од околу 7.000 МW електрична енергија.

Овие податоци се дел од истражувањата во рамки на студијата изработена од страна на МАНУ, The Nature Conservancy и граѓанската организација Еко-свест, појасни Дединец и во истата е констатирано дека Северна Македонија има двојно повеќе земјиште кое е потребно за да се задоволат потребите за електрична енергија во земјата без непотребно влијание врз природата и локалните заедници.

Елена Николовска од Еко-свест на панел дискусијата истакна дека изработката на мапата за најсоодветни места за изградба на фотоволтаични и ветерни централи во Северна Македонија, кои не се во колизија со животната средина, е од голема важност за понатамошното енергетски планирање и носење на стратешки одлуки во државата.

Панелистите се осврнаа на потребата од засилена енергетска транзиција, како и на придобивките за животната средина и подобрување на квалитетот на животот граѓаните и компаниите, со акцент на потребата од процесите на приспособување на националното законодавство и институции со тоа на Европската Унија и неговото спроведување.