Предложени нови директори во М-НАВ
Во Македонската навигација на челните позиции ќе седнат нови директори. Владата побара од Агенцијата за цивилно воздухопловство да продолжи со инспекциски надзор за досегашната работа во Македонската навигација, а ја повика и Трудовата инспекција да направи контроли на работењето на синдикатот. Ова се последните заклучоци на денешната седница. Засега со смените на отказните решенија на раководните позиции, се повлекува и одлуката за штрајк. Македонското небо останува отворено.

Неколку часа Владата не можеше да најде кадар што ќе раководи со М-НАВ. Откако го предложија Илир Мехмеди за кој се утврди дека не ги исполнува условите за позицијата, се предомислија па го избраа Хекуран Асани, долгогодишен контролор на летање и супервизор. Разрешени од Управниот одбор се досегашните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски кој на крајот од декември заедно со неколкумина колеги даде отказ од Македонската навигација. На негово место Владата го предлага Милан Кораќ, раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника со 25 години искуство. Владата ги задолжи надлежните институции да продолжат со вонредните контроли, а бара да се провери и работењето на синдикалните организации.
„Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухопловство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата. Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје и за истото да ја информира Владата“, стои во соопштението.
Засега македонското небо останува отворено. Штрајкот на Сутковиот синдикат е ставен во мирување. Дали тој ќе се активира зависи од тоа дали ќе се реализираат препораките на Владата, вели за МТВ Претседателот Александар Тасевски. Тој се сретна и со шефот на државата Пендаровски кој даде поддршка за синдикалците и побара до крај да се расчисти случајот.
Состојбата во Македонската навигација ескалираше на 4 -ти јануари кога првиот синдикалец на прес-конференција, објави дека бил повикан на распит во полиција, откако против него кривична пријава поднел сега разрешениот директор Хамиди. Тасевски ова го протолкува како обид за притисок врз вработените, но и за зачувување на директорските позиции.
По неколку часа истиот ден, 8 члена група предводена од ексминистерот за економија и претседател на огранокот на ДУИ во Чаир Беким Незири, кој во М-НАВ е и советник на директорот, упаднаа во објектот и ги нападнаа контролорите на летање додека извршувале работни задачи. За време на нападот на македонското небо имало 28 авиони.
Викторија Милевска
