Група вооружени луѓе упаднаа во телевизиско студио во живо во Еквадор
Вооружена група со качулки упадна во телевизиско студио во Еквадор, додека се емитуваше програма во живо. Во земјата на сила шестмесечна вонредна состојба по бегството од затвор на озлогласен шеф на криминална банда...

Вистинска драма пред очите на јавноста во Еквадор. Група вооружени мажи упаднаа во телевизиско студио во живо со закани кон персоналот. Директниот пренос на станицата ТЦ во градот Гвајакил беше прекинат. По размената на оган, националните полициски сили на земјата објавија дека персоналот е евакуиран од студиото. Голем број единици и натаму се распоредени пред телевизијата.
„Во 14 часот и 10 минути слушнавме дека е тепачка надвор од студиото, но тоа не беше така. На слушалката продуцентот ни рече дека треба да бидеме внимателни бидејќи луѓе упаднаа, не напаѓаат. Потоа се обидоа да ги пробијат вратите од студиото, кои се речиси блиндирани“, изјавија ТВ-новинари ослободени од групното киднапирање.
„Кога конечно влегоа, побараа да бидеме во етерот. Не навредуваа. Еден од камерманите беше застрелан, а на друг му ја скршија раката. Тие пукаа, го користеа своето оружје внатре“, изјавија ТВ-новинари ослободени од групното киднапирање.
Претседателот Даниел Нобоа потпиша извршна наредба за прогласување внатрешен вооружен конфликт и наведе неколку организирани криминални групи како терористички организации и антидржавни актери.
„Пред ТВ-станицата каде што поминував го затворија патот. Го запреа сообраќајот и униформирани полицајци излегуваа од патролните возила со автомати. Ми рекоа дека го киднапирале целиот персонал на каналот. Слушнав неколку истрели. Заминавме во паника со нашите возила за да стигнеме на безбедно“, изјави Алваро Јачо, очевидец.
Вчера во Еквадор стапи во сила 60-дневна вонредна состојба, откако од затворска ќелија исчезна најозлогласениот еквадорски криминалец Адолфо Мекиас Виламар, попознат како Фито, осуден водач на моќната банда Лос Чонерос. Речиси 40 други затвореници, вклучително и уште еден осуден наркобос, избегаа од друг затвор во градот Риобамба.
„Живееме во постојан страв затоа што секојдневно кога излегуваме на работа не знаеме дали ќе се вратиме. Тоа е вознемирувачко за семејството, за тие кои не чекаат дома“, рече Роберто Медина, локален жител.
„Се надевам дека оваа вонредна состојба што Нобоа ја спроведе ќе даде позитивни резултати за населението, а не за криминалците“, рече Ангел Еспиноза, локален жител.
Најмалку седум полицајци се киднапирани од членови на бандата од прогласувањето на вонредната состојба. Во оваа фаза не е јасно дали упадот на телевизијата е поврзан со бегството од затвор.
Маријана Димовска
