Претседателот на Еквадор прогласи состојба на внатрешен вооружен конфликт
Во Еквадор вооружена група со качулки упадна во телевизиско студио додека се емитуваше програма во живо. Претседателот Даниел Нобоа потпиша извршна наредба за прогласување внатрешен вооружен конфликт и наведе неколку организирани криминални групи како терористички организации и антидржавни актери...

Вооружени напаѓачи упаднаа во телевизиско студио во Еквадор за време на програма во живо. Вработените беа принудени да легнат на под за време на емитувањето на програмата на државниот телевизиски канал ТЦ во градот Гвајакил пред да се прекине преносот. Од телевизијата соопштија дека дел од вработените се повредени. По размената на оган, националните полициски сили објавија дека персоналот е евакуиран, а најмалку 13 лица се уапсени.
„Во 14 часот и 10 минути слушнавме дека е тепачка надвор од студиото, но тоа не беше така. На слушалката продуцентот ни рече дека треба да бидеме внимателни бидејќи луѓе упаднаа, не напаѓаат. Потоа се обидоа да ги пробијат вратите од студиото, кои се речиси блиндирани“, изјавија ТВ-новинари ослободени од групното киднапирање.
Претседателот Даниел Нобоа потпиша извршна наредба за прогласување внатрешен вооружен конфликт и наведе неколку организирани криминални групи како терористички организации и антидржавни актери.
„Наредивме вооружените сили и полицијата да се мобилизираат низ целата територија против меѓународниот организиран криминал, терористичките организации и воинствените недржавни актери. Претседателот, исто така, повика на вонреден состанок на државниот совет за безбедност“, изјави Роберто Изуриета, генерален секретар за комуникации на Претседателството.
Вчера во Еквадор стапи во сила 60-дневна вонредна состојба, откако од затворска ќелија исчезна најозлогласениот еквадорски криминалец Адолфо Мекиас Виламар, попознат како Фито, осуден водач на моќната банда Лос Чонерос. Речиси 40 други затвореници, вклучително и уште еден осуден наркобос, избегаа од друг затвор во градот Риобамба.
„Живееме во постојан страв затоа што секојдневно кога излегуваме на работа не знаеме дали ќе се вратиме. Тоа е вознемирувачко за семејството, за тие кои не чекаат дома“, рече Роберто Медина, локален жител.
„Се надевам дека оваа вонредна состојба што Нобоа ја спроведе ќе даде позитивни резултати за населението, а не за криминалците“, рече Ангел Еспиноза, локален жител.
Најмалку седум полицајци се киднапирани, а десет лица убиени од членови на бандата од прогласувањето на вонредната состојба. Владата во соседно Перу најави распоредување на полициските сили на границата за да спречи каква било нестабилност. САД ги осудија нападите во Еквадор и испратија уверување до претседателот и владата дека се подготвени да понудат помош.
Маријана Димовска
