Газа

Блинкен го повика Израел да се ангажира во регионот, планот вклучува и пат до палестинска држава

10.01.2024 12:19

САД и Израел обединети во војната против Хамас, но, остро поделени околу иднината на Појасот. Американскиот државен секретар Блинкен го повика Тел Авив да се ангажира во регионот и да работи со умерените Палестинци и со соседните земји за планот за повоена Газа. Според него, има подготвеност за такво нешто, ако патот води кон палестинска држава

Ужасот и страдањата на цивилите, ја направи разурнатата Газа најнеподносливо место за живот. Секојдневната голгота со која се соочува палестинскиот народ ја ужаснува светската јавност. И, додека повиците за окончување на хуманитарната криза во енклавата сè се погласни, се чини, Израел не се колеба околу намерата да го уништи Хамас. Речиси 85 насто од населението е протерано од своите домови, а четвртина од жителите се соочуваат со глад, без вода за пиење и без потребната медицинска помош.

„Ова е четврти пат како ги расклопувам шаторите и ги преместувам. По уривањето на мојата куќа во Газа, се преселивме и се населивме во Сараја некое време. По што бевме раселени во Нусејрат, а од Нусејрат во Деир ал Балах во болницата за маченици Ал Акса. Вчера нашите животи беа изложени на смртна закана, со истрели над нашите глави, а јас не сум подготвен да ги жртвувам моите деца и моите внуци. Одиме, не знаеме што не чека. Одиме кон непознатото“, вели Абу Јусеф Абуел-Суд, раселено лице.

САД остануваат моќен поддржувач на Израел во намерата да се пресмета со милитантите. Од Белата куќа соопштија оти нема промена на ставот, бидејќи веруваат оти прекинот на огнот не му оди на никого во корист, освен на Хамас. Американскиот државен секретар Блинкен, пак, на крајот од турнеја низ јужна Европа и Блискиот Исток, истакна дека Тел Авив мора да престане да презема чекори кои ја поткопуваат способноста на палестинците сами ефективно да управуваат.

Секој партнер што го сретнав на ова патување рече дека се подготвени да поддржат трајно решение, што ќе стави крај на долготрајниот циклус на насилство и ќе ја гарантира безбедноста на Израел. Но, истакнаа дека тоа може да дојде само преку регионален пристап кој вклучува пат кон палестинска држава. Овие цели се остварливи, но само ако се остварат заемно. Не можете да постигнете ниту една цел, без интегриран регионален пристап. За да го овозможи ова, Израел мора да биде партнер на палестинските лидери кои се подготвени да го водат својот народ и да живеат рамо до рамо во мир со Израел и со соседите.

А, во Појасот Газа жестоките борби не престануваат. Во изминатото деноноќие Израел нападна над 150 цели на Хамас. Израелските копнени, воздушни и поморски сили продолжуваат да дејствуваат, додека здравствените власти во енклавата јавуваат за десетици загинати.

 

Маја Стојанова