Македонија

Промени во раководството на М-НАВ, во мирување одлуката за штрајк на контролорите на летање

10.01.2024 12:20

По договорената промена во раководството на Македонска навигација, премиерот Ковачевски коментира, М-НАВ како да станала семејна фирма. Тој рече дека ќе се проверуваат вработувањата во организацијата и селекцијата на кандидатите. Според премиерот, и Еуроконтрол треба да обрне повеќе внимание на случувањата во М-НАВ. Ковачевски не ги потврди информациите дека предложениот кандидат му бил внук на Ахмети...

Непотизам цвета во Македонска навигација. Фирмата станала семејна така што роднинските врски меѓу вработените одат и до трето колено, тврди премиерот Ковачевски. Тој посочи дека претседателот на Синдикатот не е единствениот вработен од семејството Тасевски и дека во Контрола на летање работи неговиот брат, а работел и неговиот татко. Според него не само Владата туку и Еуроконтрол која ја финансира М-НАВ, ќе треба да се позанимава со овие состојби.

Освен донесените одлуки за директори на местото на разрешените, Владата донела и за вонреден инспекциски надзор, што премиерот не го смета за политички притисок.

Изборот на новите кадри бил професионален, и превидот со прво предложениот кандидат е направен поради измените во законот каде е предвидено директорот да мора да доаѓа од контролорите, образложува премиерот. Тој освен за професионална биографија на Хекуран Асани кој работи во М-НАВ веќе 25 години како Контролор на летање, не знаеше да каже дали е внук на Али Ахмети.

 

Фиљана Кока