Македонија

Владата ќе го разгледа предлогот на Пендаровски да се пролонгира рокот за замена на документи

10.01.2024 12:45

Премиерот Ковачевски најави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот. Рокот за промена на личните документи истекува на 12-ти февруари...

Откако претседателот Пендаровски јавно даде предлог до Владата да се пролонгира рокот до кога треба да се заменат личните документи за да се надмине хаосот на пунктовите, премиерот Ковачевски најави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот. Рокот истекува на 12-ти февруари.

Таа обврска е наведена во закон. Така што не може да кажете дека Владата нешто направила бидејќи, сепак, се работи за законски решенија за уставни измени кои се правени во Собранието и кои на сите ни се добро познати во текот на изминатите години. Она што Владата може да го направи е да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број пунктови и определи поголем број вработени кои ќе работат, но очигледно дека тоа ќе треба да се зголеми уште повеќе. Еве, и со предлогот на претседателот Пендаровски да видиме дали може да бидат направени тие законски измени. Да направите законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Сепак, ќе пробаме сè, рече претседателот на Владата.

Поради големиот притисок да се стигне рокот и метежите пред пунктовите на МВР, каде што луѓе чекаат со часови во редици, шефот на државата вчера во ТВ гостување рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција со образложение дека, како што рече, „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.