Одбојкарите целат кон полуфинале во реномираното друштво
Додека погледите ни се вперени кон ракометарите и кон нивниот мундијалски бараж-двомеч со Грција, по малку неправедно во втор план во овој период се наоѓаат нашите најдобри одбојкари. Вчера и завчера тие имаа денови за историјата на македонската одбојка. Триумфираа во првите две средби од дебитантското учество во Европската Лига.

Со гордо кренати глави, во победничко расположение и со високи очекувања пред продолжението, избраниците на Жарко Ристоски се враќаат од Австрија. Двете победи од по 3-1 во сетови во Грац се вистинска награда за нив за залагањето и за ангажманот во репрезентативниот дрес, и покрај незаслужениот третман којшто подолго време го има нашиот национален одбојкарски тим од спортските структури и особено од незаинтересираните спонзори. Но, успесите во потешки околности и услови секогаш се послатки, па затоа двата триумфа над Австријците се силен поттик да се остане на вистинскиот курс.
Европската Лига е највисокиот натпреварувачки ранг за македонската репрезентација досега и сигурно огромна е желбата за претставување во најдобро можно светло. Кога веќе почетните победи отвораат убави резултатски хоризонти, разбирлива е решителноста да се продолжи по истата насока. За петок и за в сабота во Струмица се закажани двата меча од третото и од четвртото коло во групата „б“ против Данска. За викендот потоа се предвидени скопските натпревари со Турција, по што ќе преостанат двете гостувања кај Словенија. И распоредот ни оди во прилог, па оттаму не се без основа надежите за освојување на едно од првите две места во групата и амбициите за пласман во полуфиналето на годинашната Европска Лига.