Македонија

Забраната за увоз на свинско месо во Албанија нема да смени ништо кај производителите во земјава

10.01.2024 12:55

Забраната за увоз на свинско месо и преработки во Албанија од Македонија нема да влијае врз оваа стопанска гранка. Заради африканската чума сточниот фонд е толку намален што едвај ги покрива домашните потреби. Извозот е сведен на минимум...

Забраната за увоз на свињи, месо и нивни производи од Македонија во Албанија, нема да смени скоро ништо кај производителите на свинско месо, сточниот фонд е толку намален што свежо месо не се извезува, вели потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци.

Производството на свинско месо пред уништувањето на свињите заради африканската свинска чума се движеше околу 15 илјади тони годишно, количина која ги задоволува потребите од свежо месо, но не и на преработувачката индустрија. Болеста го намали бројот на свињите за околу 15 илјади, а најпогоден е источниот регион.

Најголем увоз на свинско месо и преработки имаме од Германија, Полска и Шпанија, а од регионот поголеми количини увезуваме од Србија. Нашиот извоз е насочен кон Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

 

Славица Величковска