Тенис, Ролан Гарос, жени

Шарапова вторпат лауреатка во Париз

07.06.2014 19:13

Русинката Марија Шарапова е победничка на Ролан Гарос. Таа вторпат го освои пехарот на престижниот гренд-слем тениски турнир, две години по првиот триумф во Париз. Во финалето триумфираше над романската аспирантка Симона Халеп.

Русинката Марија Шарапова е победничка на Ролан Гарос. Таа вторпат го освои пехарот на престижниот гренд-слем тениски турнир, две години по првиот триумф во Париз. Во финалето триумфираше над романската аспирантка Симона Халеп.

Иако се соочуваше со невообичаено многу проблеми при сервисот, а направи дури дванаесет двојни грешки, Шарапова славеше во третиот последовен финален настап на Ролан Гарос. Стана 12-та тенисерка во историјата со пет или повеќе трофеи на најголемите турнири и прва Русинка воопшто со повеќе од еден успех на некое гренд-слем натпреварување. Го издржа амбициозниот налет на четвртата турнирска носителка Симона Халеп и по поразот од Серена Вилијамс во завршниот меч лани, одново го крена шампионскиот трофеј. Првиот сет го освои со 6-4 во гемови, Романката возврати во вториот, добивајќи го во тај-брејк, по што одлуката падна во третиот сет. Еден брејк и беше доволен на Шарапова за 6-4 во гемови и за триумф во деветтото гренд-слем финале.

„Ми се оствари сонот. Ова е турнир којшто многу ми значи“, изјави низ солзи Шарапова по победата, не можејќи да го скроти напливот емоции по финалето коешто го нарече најтешко досега на гренд-слем турнирите. Од понеделник ќе биде петта на светската ВТА листа, а ќе избие дури на второто место на вечната листа според финансиската заработувачка.

Од друга страна, Симона Халеп беше неверојатно блиску до најблескавиот момент во кариерата, којашто сепак се очекува допрва да и се развива. Пред една година беше дури 57-ма на светот, но оттогаш нанижа седум турнирски титули, пресраснувајќи од релативно непозната до една од најнадежните во женскиот тенис. На гренд-слем турнирте најдобар резултат и беше четвртфиналето во Австралија пред пет месеци. Сега одеднаш се вивна речиси до самиот врв, но сепак не го повтори успехот на Виргинија Ружичи, нејзината менаџерка, којашто од триумфот токму на Ролан Гарос во 1978 е единствената Романка со гренд-слем титула. Мала утеха за халеп ќе биде што на најновата вта-листа ќе го заземе извонредното трето место.