Вашингтон

Спасовски од Вашингтон: Продолжува поддршката од конгресменката Тени за РС Македонија

10.01.2024 18:35

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, оствари средба со конгресменката Клаудија Тени...

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, оствари средба со конгресменката Клаудија Тени, којашто е ко-претседавач со Конгресниот Кокус за Македонија, за Американците со македонско потекло.

Двајцата соговорници разговараа за значајната улога која ја игра Конгресниот Кокус за Македонија, за Американците со македонско потекло, генерално за македонско-американската заедница во Соединетите Американски Држави. Притоа, Спасовски ја изрази благодарноста за поддршката и ангажманот во зајакнувањето на меѓусебните односи, промовирање на културната размена и застапување на интересите на македонската заедница во САД.

Министерот Спасовски во оваа прилика побара и поддршка за усвојување на Нацрт законот за демократија и просперитет на Западен Балкан. Притоа, тој подвлече дека за Република Северна Македонија нема алтернатива освен Европската Унија и продлабочувањето на Стратешкиот дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Конгресменката Тени изрази задоволство од можноста да се сретнат со министерот Спасовски и во оваа прилика ја истакна својата силна поддршка, посветеност и блискост кон македонско-американската заедница во САД, велејќи дека секогаш е во потрага по пријател плус Македонец овде во САД. Таа уште еднаш ја потврди својата поддршка за резолуцијата за месецот септември да биде месец на промовирање и славење на македонскиот јазик, култура и историја на Американците со македонско потекло и нивниот вековен придонес за Америка.