Израел-Хамас

Израел се соочува со обвиненија за геноцид во Газа пред судот во Хаг

11.01.2024 11:57

Почна сослушувањето во Хаг по тужбата од Јужноафриканската Република за Израел за геноцид во Појасот Газа. Пред Меѓународниот кривичен суд, пропалестински и произраелски протести. Во Појасот Газа продолжуваат нападите. Блискиот Исток во дипломатска офанзива за спречување на последиците од конфликтот...

Израел e на обвинителна клупа во Меѓународниот суд на правдата во Хаг обвинет од минатогодишниот претседавач на БРИКС, Јужноафриканската Република, за геноцид во војната во Појасот Газа. Правните тимови од двете страни денеска и утре ги изнесуваат аргументите. Пред палатата на правдата, пропалестински и произраелски протести.

„Ниту еден вооружен напад на државна територија, без разлика колку е сериозен, дури и напад што вклучува злосторства, не може да обезбеди оправдување. Израелскиот одговор на нападите на 7-ми октомври ја пречекори линијата и ги прекрши начелата на конвенцијата“, изјави Роналд Ламола, министер за правда на Јужноафриканската Република.

Администрацијата на Бајден го повтори противењето на тужбата, нагласувајќи дека обвиненијата се неосновани. На Блискиот Исток продолжуваат дипломатските напори за повоена Газа. Блинкен во Египет. Каиро и Аман бараат репатријација на палестинските бегалци.

„Јасно е дека земјите во регионот се засегнати пред сè да се спречи ширењето на конфликтот, но и да се обликува подобра иднина за регионот како целина, особено за Израелците и Палестинците“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Немаме намера трајно да ја окупираме Газа или да го раселуваме цивилното население, тврди премиерот Нетанјаху.

„Се бориме против терористите на Хамас, а не против палестинското население. И ние тоа го правиме во целосна согласност со меѓународното право. Израелската одбрана прави се за да се минимизираат цивилните жртви. Нашата цел е да ја ослободиме Газа од терористите на Хамас и да ги ослободиме нашите заложници. Штом тоа ќе се постигне, Газа може да се демилитаризира и дерадикализира, а со тоа да се создаде можност за подобра иднина за Израел и Палестинците“, изјави Бенјамин Нетанјаху, израелски премиер.

Тел Авив откри нови тунели на Хамас во центарот на Газа и најави нови операции во областа. Напади на југот, расте бројот на жртви. СЗО ја откажа мисијата за помош во енклавата поради безбедносни причини и го повика Израел да ја одобри испораката.

 

 

Маријана Димовска