Воен конфликт

Руски ракетен напад на хотел во Харков, борбите продолжуваат на двете страни од границата

11.01.2024 12:15

Харков повторно е бомбардиран, најмалку 13-мина во хотел во центарот на градот се повредени. Потрагата по можните жртви се одвиваше меѓу урнатините. Стравот од војната е сепак заеднички и за двете страни. Во пограничниот Белгород, Русија, стотици жители се евакуираат со возови во кампови далеку од градот...

Ноќта не е сојузник на жителите на Украина. Вечерта Харков повторно е бомбардиран, најмалку 13-мина во хотел во центарот на градот се повредени. Потрагата по можните жртви се одвиваше меѓу урнатините.

„Имаше две ракети, веројатно С-300 или Искендер. Во хотелот имаше медиумски претставници, проектилите се од Руската Федерација, хотелот беше руска цел поради новинарите“, вели Володимир Тимошко – шеф на полицијата на Харков.

Стравот од војната е сепак заеднички и за двете страни. Во пограничниот Белгород, Русија, стотици жители се евакуираат со возови во кампови далеку од градот поради повеќенеделното украинско бомбардирање. Се избира помалото од две зла, 1.300 деца го напуштаат градот.

„Децата се исплашени поради постојаните експлозии, загрижени сме, ќе одиме во камп во регионот Калуга во близина на Москва“, изјави Јелена Гокова-жителка на Белгород, Русија.

Во време на модерна технологија се бришат растојанијата и границите. Украинскиот претседател Зеленски, кој е на турнеја по Балтичките земји за обезбедување помош, смета дека Киев може да погоди и значајни руски цели.

„Сè уште ја немаат почувствувано војната во Москва, во Санкт Петерсбург или во градовите со противвоздушна опрема. Не знаат што значи да си без вода и струја, без инфраструктура. Доколку Русија продолжи со нападите во внатрешноста на Украина, ќе има промени, во тек е производство што таму ќе се почувствува“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва демантираше користење севернокорејски проектили во нападите во Украина, за што беа обвинети од Вашингтон, Брисел и НАТО-сојузниците. За да се спречат последиците од војната, којашто трае речиси две години, Турција, Романија и Бугарија потпишаа трилатерална иницијатива за разминирање на Црно Море.

Зоран Богатинов