Хроника

Почина двегодишно девојче, уапсен таткото

11.01.2024 18:01

Двегодишно девојче од Кичево почина на скопските клиники. Приведен 29-годишен татко, осомничен за убиство откако на детето при семејно насилство му нанел тешки телесни повреди.

Јавноста силно потресена со случајот на чедоморство во Кичево. Претепаното двегодишно девојче од страна на сопствениот татко на 18-ти декември, по 22 денови борба за живот почина на 08-ми јануари на Универзитетската Клиника за неврохиргија, во Скопје.

Полицијата, вчера го лиши од слобода таткото – 30 годишниот Ф.Д, кој обвинителството го товари за к.д. убиство и бара одредување на мерка притвор.

„Осомничениот, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој и нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крвавење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8-ми јануари. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“, стои во соопштението од Јавно обвинителство.

„Во текот на вчерашниот ден полициските службеници од ОВР Кичево од слобода лишија 30 годишен кичевчанец кој се сомничи дека на 18 декември минатата година во својот дом на својата две годишна ќерка и нанел тешки телесни повреди. Таа била пренесена во ОБ Кичево, а подоцна и во скопските клиники каде на 08-ми јануари годинава за жал починала“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Во Ургентниот центар во Општата болница во Кичево во коматозна состојба, минатиот месец била примена двегодишна пациентка, донесена од страна на нејзината мајка, која кажала дека детето се повредило при пад во детска игра, а потоа дека некои деца го истепале детето.

„Мајката давала податок дека детето било паднато, удрено од други деца што било сомнително, но заради ургентноста на здравствената состојба на пациентот немало истражни дејствија од страна на полицијата подоцна се правени“, информира директорот на кичевскта болница Станко Трпески.

И покрај сите заложби на лекарите, за жал двегодишното дете подлегна на тешките телесни повреди, информираат од Министерството за здравство.

Здравствените институции каде беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи.

 

Соња Рилковска