мвр

Средба Спасовски – О’Брајан

12.01.2024 09:13

Средбата помина во пријателска атмосфера, а се разговараше на повеќе теми, меѓу кои поддршката од САД за МВР и за државата генерално, напредокот во борбата против корупцијата, како и за листата на санкции на САД...

Во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

Средбата помина во пријателска атмосфера, а се разговараше на повеќе теми, меѓу кои поддршката од САД за МВР и за државата генерално, напредокот во борбата против корупцијата, како и за листата на санкции на САД.

„Преку програми за обука, заеднички операции, модернизација на единиците на МВР, направивме значителен исчекор во почитувањето на владеењето на правото и особено во заштитата на нашите граѓани од штетните влијанија на корупцијата. Императив за Владата на Република Северна Македонија и МВР е борбата против корупцијата, да победат чесните наспроти корумпираните. Успехот во таа борба е можен само со институции кои постапуваат со интегритет, професионално и неселективно, особено во делот на правосудството“, истакна Спасовски. Притоа, тој сподели статистика за резултатите на МВР во делот на борбата против корупцијата.

Притоа, Спасовски истакна дека сите директиви и лицата ставени на листата на санкции на САД ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции.

Во оваа прилика, Спасовски го информираше О’Брајан за Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, како и за предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

Од страна на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан беше потенцирано дека ова се многу важни чекори кои МВР и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

На средбата двајцата соговорници, Спасовски и О’Брајан, се согласија дека европскиот пат нема алтернатива и периодот што следи е клучен за Република Северна Македонија, во однос на техничката Влада и изборите, предизвиците коишто доаѓаат се многу битни за тоа во кој правец ќе се движи државата.