Јемен

Напади на САД и Велика Британија против Хутите во Јемен

12.01.2024 09:26

САД и Велика Британија со авиони, бродови и подморници нападнаа цели на Хутите во Јемен. Милицијата најавува одмазда. Русија бара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации...

Американската и британската војска бомбардираа повеќе од десет локации што ги користат Хутите во Јемен, поддржани од Иран. Масовниот одмазднички напад е извршен со воени бродови, ракети. „Томахавк“ лансирани од подморници и борбени авиони. Американскиот претседател Бајден наведува дека нема да толерира напади и закани за слободната пловидба, но и предупредува дека нема да се двоуми да преземе дополнителни мерки. Британскиот премиер Сунак изјави дека потезите на Хутите нема да поминат неказнето.

„Непромислениот и незаконски, комплексен напад во вторникот од страна на Хутите во јужниот дел на Црвеното Море уште еднаш ја покажа важноста и ефективноста на операцијата. Благодарни сме на повеќе од 20 нации кои се приклучија на „Просперитет Гардијан“ за заштитата на поморскиот сообраќај и безбедноста во Црвеното Море, вклучително и Сингапур, кој оваа недела објави дека ќе се приклучи на оваа меѓународна одбранбена коалиција“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Австралискиот министер за одбрана потврди дека неговата земја ги поддржува нападите извршени од американските и британските воени сили.

„Австралија се залага за ред заснован на правила. Австралија мора да се залага за слободата на навигација. Ние сме островска трговска нација, голем дел од нашиот просперитет се заснова на поморските линии на комуникација, слободата на трговија на отворено море“, изјави Ричард Марлс, министер за одбрана на Австралија.

Лидерот на Хутите се закани дека Вашингтон и Лондон наскоро ќе сфатат дека нападите врз Јемен се најголемата глупост во нивната историја. Осуда за нападите пристигна и од Иран и Либански Хезболах. Саудиска Арабија повика на воздржаност, Русија бара итна седница на советот за безбедност на ООН.

„Нема да се двоумиме да направиме сè што можеме. Секоја американска агресија нема да остане без одговор. Ги советуваме сите азиски и европски земји, на исток, на запад, да не се мешаат со Америка, нека набљудуваат, а тоа што Британија се вклучи, нема проблем“, изјави Абдел Малек ал-Хути, врховен водач на бунтовниците Хути.

Ова е прв напад врз Хутите откако групата, со беспилотни летала и проектили гранатираше товарни бродови во Црвеното Море, во ноември. Советот за безбедност на ОН пред два дена усвои резолуција со која од јеменските Хути побара да запрат со напади врз комерцијални и трговски бродови.

 

Маријана Димовска