Македонија

Приведени четворица за вчерашното пукање пред тетовската болница, полицијата трага по едно лице

12.01.2024 11:43

Уапсени четворица осомничени за инволвираност во вчерашното пукање во Клиничката болница Тетово. Полицијата трага по уште едно лице. Во синоќешната престрелка две лица се здобија со прострелни рани и се препратени на скопските клиники, едниот од нив е во животозагрозувачка состојба…

Полицијата по пет часа од синоќешниот инцидентот во Ургентниот центар во Клиничката болница Тетово уапси четири лица осомничени дека се инволвирани во пукањето, каде двајца се здобија со прострелни рани. По едно лице сè уште се трага.

„Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер во 23 часот и 10 минути во Тетово ги лишиле од слобода Р.Т.(35) и М.Т.(44) од Тетово, а пред тоа и 55-годишната тетовка Ш.Е. и Н.М.(39) од Тетово поради сомнение за нивна инволвираност во вчерашното пукање со огнено оружје пред Ургентен центар на тетовската Клиничка болница во кое со тешки телесни повреди се здобиле А.М.(41) и З.М.(36) од тетовското село Гајре“- информираат од МВР.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, вели дека инцидентот нема никаква поврзаност со болницата. Двајцата пациенти се на КАРИЛ, едниот од нив е во потешка состојба и извршена му е торакална и абдоминална хирургија.

„Според информациите од директорот на болицата во Тетово, едниот е во потешка состојба, а другиот во полесна состојба. Тие се на КАРИЛ, на одделот за анестезија и реанимација. Останатото ќе го расчистат МВР и Обвинителството. Овој случај нема никаква поврзаност со здравството или со Болницата“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Вистинска драма вчера се случуваше во Тетово. Дел од учесниците во инцидентот попладнето во Основниот суд Тетово имале судско рочиште, па сметките ги дорасчистувале пред судот со физичка пресметка. Едната група од Гајре поради здобиените повреди во тепачката се упатила во Ургентниот центар да им се пружи лекарска помош, но пред болницата била пресретната од другата група која пукала кон нив нанесувајќи има на две лица прострелни рани.

Зоран Димовски