Бајден ги потврди нападите врз Хутите, протести пред Белата куќа
САД и Велика Британија со авиони, бродови и подморници нападнаа цели на Хутите во Јемен. Милицијата најавува одмазда. Русија бара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации...

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека Соединетите Американски Држави и Велика Британија, со поддршка на Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, извршиле напади во Јемен на локации што ги користат бунтовниците Хути, поддржани од Иран. Пред Белата куќа протести против воените дејствија.
„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за прв пат во историјата. Нападите го загрозија американскиот персонал, цивилните морнари и нашите партнери, како и трговијата и слободата на пловидба“, стои во соопштението од претседателот на САД, Џо Бајден.
Австралискиот министер за одбрана потврди дека неговата земја ги поддржува дејствијата на американските и британските воени сили.
„Австралија се залага за ред заснован на правила. Австралија мора да се залага за слободата на навигација. Ние сме островска трговска нација, голем дел од нашиот просперитет се заснова на поморските линии на комуникација, слободата на трговија на отворено море“, изјави Ричард Марлс, министер за одбрана на Австралија.
Хутите соопштија дека нема да запрат со нападите на бродови во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него. Групата им порача на САД и Велика Британија дека ќе платат висока цена за агресијата. Иран, Либански Хезболах и Кина со осуда за нападите, Саудиска Арабија повика на воздржаност. Русија бара итна седница на советот за безбедност на ООН.
„Американскиот и британскиот непријател ја преземаат целосната одговорност за нивната криминална агресија врз нашиот јеменски народ, која нема да помине без казна. Оваа брутална агресија нема да го одврати Јемен од неговата позиција за поддршка на навредениот палестински народ“, изјави генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Иран, либански Хезболах и Кина со осуда за нападите, Саудиска Арабија повика на воздржаност. Русија бара итна седница на советот за безбедност на ООН.
„Знаете дека е донесена резолуција, ние бевме воздржани. А земјите што нападнаа се обидоа да обезбедат меѓународна правна основа за своите постапки. Овој обид беше неуспешен, бидејќи усвоената резолуција не предвидува никакво право за изведување напади. Што се однесува до нападите што Хутите ние постојано ги повикавме да ја напуштат оваа практика“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Ова е прв напад врз Хутите откако групата, со беспилотни летала и проектили гранатираше товарни бродови во Црвеното Море, во ноември. Советот за безбедност на ОН пред два дена усвои резолуција со која од јеменските Хути побара да запрат со напади врз комерцијални и трговски бродови.
Маријана Димовска
