Здравство

Нови апарати за третман и дијагностика во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“

12.01.2024 12:04

Вкупната инвестиција за новите апарати изнесува околу 1 милион евра, пари кои се обезбедени од Министерството за здравство.

Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје доби нови апарати за третман и дијагностика. Вкупната инвестиција за новите апарати изнесува околу 1 милион евра, пари кои се обезбедени од Министерството за здравство.

Инвестирани се над 700 илјади евра за набавка на нов современ апарат за литотрипсија, односно апарат за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт, којшто се очекува да го олесни третманот на пациентите кои по интервенцијата ќе можат да си заминат дома.

На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза. Томосинтезата на дојка е револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка со што за 30% се зголемува точноста при интерпретација на мамографиите. Овој апарат е инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика, а инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ехо на дојка, со што ќе се овозможи да се врши и мамографија и ехо на дојка.

Воедно набавен е и лапароскопски столб за изведување на минимално инвазивни хируршки процедури, кој веќе е ставен во функција во оваа Клиника.

Со новите апарати се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници.