Хаг

Израел изнесува одбрана пред Хаг по обвинението за вршење геноцид

12.01.2024 12:40

Соединетите Американски Држави засега не се за прекин на воените дејствија во Газа порачаа од Вашингтон. И дополнуваат, цивилите не смеат да бидат колатерална штета на офанзивата. Лицемерие и манипулација е оценката на Тел Авив за тужбата од Преторија за геноцид на југот од Израел. Не се почитува Конвенцијата за криминалното етничко чистење, порача застапникот на Јужноафриканската Република. Проирански Хезболах повторно гранатираше град на северот на Израел...

Вива Јужна Африка, слободна Палестина, се некои од извиците на пропалестинските протести пред највисокото судско тело на Обединетите нации во Хаг по тужбата на Јужноафриканската Република за геноцид во Газа. Владата во Преторија бара Меѓународниот суд на правдата да му нареди на Тел Авив итно запирање на израелската офанзива во Појасот.

„Израел веднаш да ги запре воените операции во и против Газа. Второ, да обезбеди која било воена или ирегуларна формација која е под нивна контрола да не преземаат повеќе воени операции. Израел исто така не ја почитува конвенцијата за спречување и казнување на криминалниот геноцид против палестинскиот народ“, рече Вусимузи Мадонсела – амбасадор на Јужна Африка во кралството Холандија.

Во обвинението Јужна Африка тврди дека 6.000 гранати ја погодиле Газа во првата недела по нападите на Хамас. Лицемерие-беше генералната квалификација на застапникот на одбраната од Министерството за правда на Израел.

„Доколку постои загриженост околу одговорноста на државите поради конвенцијата за геноцид, тогаш тоа е поврзано со задачата да се дејствува против Хамас, против агендата на уништувачот, која не е тајна и во која не можеме да се сомневаме. Јазикот на истребување на Хамас е постојано повторуван од неговите лидери, со зборовите на политичкото крило за етничко чистење на една петтина од Евреите поради Палестина“, вели Тал Бекер-правен застапник на Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

За Израел тужбата е манипулација, дополнително израелскиот застапник ја обвини Јужна Африка за делегитимирање на 75-годишното постоење на Израел и уништување на еврејската историја.

И додека во Газа се бројат жртвите од офанзивата на Тел Авив, меѓу нив и на четворицата претставници на Црвената полумесечина, Хезболах го ракетираше Кирјат Шмона, град на северот од Израел. Проиранските милитанти, изјавија од Хезболах, се одмаздуваат за убиството на двајца здравствени работници во израелските напади. На либанска страна од почетокот на конфликтот се ликвидирани 150 терористи на Хезболах, информираат од израелската војска.

 

Зоран Богатинов