Свет

Хутите најавија одмазда

12.01.2024 13:50

САД и Велика Британија со авиони, бродови и подморници нападнаа цели на Хутите во Јемен. Милицијата најавува одмазда. Русија бара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации…

Соединетите Американски Држави и Велика Британија, со поддршка на Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, извршија напади во Јемен на локации што ги користат бунтовниците Хути, поддржани од Иран.

„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на Хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за прв пат во историјата. Нападите го загрозија американскиот персонал, цивилните морнари и нашите партнери, како и трговијата и слободата на пловидба“, соопштува претседателот на САД, Џо Бајден.

Иран и либански Хезболах, Русија и Кина со осуда за нападите, Саудиска Арабија повика на воздржаност.

„Воената ескалација во регионот на Црвеното Море може да ги смени позитивните трендови во процесот на решавање на Јемен, како и да предизвика дестабилизација на ситуацијата во целиот регион на Блискиот Исток“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.

„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе одиграат конструктивна и одговорна улога за безбедноста и стабилноста на регионот на Црвеното Море, што е во заеднички интерес на меѓународната заедница“, рече Мао Нинг, портпарол на кинеското МНР.

Хутите им порачаа на САД и Велика Британија дека ќе платат висока цена за агресијата, а нападите на бродови во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него ќе продолжат.

„Американскиот и британскиот непријател ја преземаат целосната одговорност за нивната криминална агресија врз нашиот јеменски народ, која нема да помине без казна. Оваа брутална агресија нема да го одврати Јемен од неговата позиција на поддршка со навредениот палестински народ“, рече бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Ова е прв напад врз Хутите откако групата, со беспилотни летала и проектили гранатираше товарни бродови во Црвеното Море, во ноември. Советот за безбедност на ОН пред два дена усвои резолуција со која од јеменските Хути побара да запрат со напади врз комерцијални и трговски бродови.

Маријана Димовска