Соработката со странски служби клучна за разоткривање тешки кривични дела
Јакнењето на внатрешната безбедност е клучно за заштита на граѓаните и за зачувување на демократските вредности. Најчесто, за разоткривање на тешките кривични дела потребна е соработка со странски служби. Приоритет секако е размена на информациите меѓу надлежните институции, а развојот на нивните капацитети треба да оди паралелно...

Не ретко, за целосно разоткривање на тешките кривични дела и фаќање на сторителите, покрај расположливите ресурси, потребна е и соработка со странски служби, но и со меѓународни канали, како Интерпол и Европол. Последниот случај со убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче го потврди тоа. Но, таа соработка не може да биде од случај до случај, туку мора да е континуирана, на дневна основа, вели професорот по безбедност Дујоски. Во гостувањето во дневникот на МТВ, потенцира дека МВР првенствено треба да ги гради сопствените капацитети, но и да продолжи со градење на меѓународните канали, за размена на информации, особено поради фактот што како земја членка на НАТО имаме сериозни обврски да соработуваме во размената на информациите.
Дујоски смета дека досегашното искуство се потврдило на дело, во случајот со двојното убиство, размената на информации во однос на мигрантите и опасноста по националната безбедност, откривањето на големите мрежи на криумчарење артефакти и трговијата со луѓе. Според него, мора да се работи на поедноставување и воедначување на сите процедури на истрага. Често цел на компјутерски напади се и државни институции. Центарот во Прилеп за заштита на податоци засега е само за домашни потреби, но интенција е да прерасне во регионален.
Засега ИКТ-центарот го користи само МВР, но интенција е во натамошниот период да го користат и други министерства и државни институции, кои работат со чувствителни информации.
Милчо Велески
