Психолозите велат дека бројот на семејно насилство е многу поголем од тој што се пријавува
Темата семејно насилство е постојано актуелна, а, сепак, бројките на нови случаи растат. Психолозите велат, потребно е да се еманципираат жените, да се зголеми свеста и да се препознае насилството. Лани во периодот од јули до септември имало над 1.500 жртви на родово-базирано насилство.

Бројот на луѓето кои бараат помош од психолози е многу помал во однос на пријавеното семејно насилство. Особено осетливи се вакви случаи во руралните средини. Честопати и жртвите не се свесни низ што поминуваат, па една шлаканица и не ја сметаат за насилство. Потребно е да се еманципираат жените, да се зголеми свеста. Закон има, но во практика немаме изграден систем кој ќе го превенира ваквите ситуации за да отвори простор веднаш и соодветно да се реагира.
Особено децата се многу малку заштитени. А шалтерите кои ги имаме се казна за тие кои трпат семејно насилство. Насилниците остануваат во својата комфорна зона.
Секогаш кога се пријавува по телефон базирано родово насилство, на местото на настанот задолжително излегува службено лице од полицијата со цел да се спречи насилникот да продолжи со вршење на насилното дејствие и да се обезбеди помош на жртвата и членови на семејството.
„Полицијата е должна да постапи по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство без оглед дали е:
- Добиена по телефон
- Примена на записник за примање пријава во службени простории на полиција
- Пријавено од трето лице (роднини, пријатели, соседи и сл.), од медицинска установа за примено лице со повреди;
- Добиено од друга институција преку известување (Центар за социјални работи, воспитно-образовни институции и други) или невладини организации/здруженија на граѓани“, стои во соопштението од МВР.
Според статистиката на министерството за внатрешни работи, минатата година во периодот од јули до септември имало над 1.500 жртви на семејно насилство.
Ана Јосифовска Тодоровска
