Економијата и евроатланските интеграции - приоритет на идната Влада
08.06.2014 15:06
Отворањето на нови работни места, привлекувањето на странски инвестиции, охрабрувањето и помагањето на домашните да инвестираат, земјоделството, образованието и здравството - сето тоа е дел од фокусот на идниот владин состав, изјави денеска Груевски...

Економијата и евроатланските интеграции остануваат приоритет за идниот владин состав, изјави денеска мандатарот на новата влада и актуелен премиер Никола Груевски на новинарско прашање после промоцијата на 12 нови наслови дел од пректот „Превод на 1.000 стручни и научни книги“.
„Приоритетите како што неодамна кажав во моето интервју за МИА се поврзани со економија и евроатланските интеграции, но се разбира со силен фоскус на сите други сектори. Отворањето на нови работни места, привлекувањето на странски инвестиции, охрабрувањето и помагањето на домашните да инвестираат, земјоделството, образованието и здравството - сето тоа е дел од фокусот на идниот владин состав“, појасни Груевски.
Тој нагласи дека сите министерски места биле производ на коалиционите разговори и дека преговорите завршиле на двострано задоволство. Во однос на министрите без ресор, Груевски рече дека Висар Фида и Горан Мицковски ќе бидат задолжени за привлекување на инвеститори.
„Тие ќе ги зајакнат досегашните министри за привлекување инвеститори Бил Павлевски, Џери Наумоф и Веле Самак“, рече Груевски.
Мандатарот Груевски, за министер за одбрана го предложи досегашниот амбасадор Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љиримк Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиевски и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.
За министри без ресор се предложени Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.
