Европска Унија

Нема отворање на преговарачката рамка

13.01.2024 13:07

Во Европската унија ќе зачекорите по патоказите што сте ги зацртале, заобиколен пат нема – дециден е евроамбасадорот Гир. Во интервју за МИА вели решението за членство на држвава на маса е ставено со отворањето на пристапните преговори, уставните измени ќе обезбедат чекор напред. Гир со порака до ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски- ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори...

Решението за Македонија за членство во Европската Унија е ставено на маса во јули 2022-та кога се отворени пристапните преговори. За да се премине на следниот чекор, потребно е спроведување на уставните измени, вели во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир. Направи паралела со тоа што се случи на декемврискиот самит на Унијата, кога унгарскиот премиер Орбан иако беше против, не присуствуваше на состанокот со што овозможи донесување одлука за почеток на преговори за Украина и Молдавија и дали евентуално ваквиот начин на носење одлуки бил можен и за Македонија. Одлуката за внесување на Бугарите во Уставот е суверена одлука на самата земја, а не на земјите членки на ЕУ, истакна Гир. Вели дека Брисел не размислува за повторно отворање на преговарачката рамка.

„Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна, ниту бугарската, ниту македонската, не беше 100 насто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Северна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата“, изјави Дејвид Гир.

За ставот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за неприфаќање уставни измени под бугарски диктат, туку откако ќе дојде на власт, ќе најде друго решение, Гир со порака-ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори.

„Ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот, владеењето на правото, борбата со корупцијата“, рече Дејвид Гир.

Новата влада што ќе биде избрана по изборите во мај, која и да е, како и новиот состав на парламентот, треба да се поригорозни, за да се спроведат препораките на Мисијата за оценување на Европската Унија за работата на Судскиот совет. Судиите да бидат резистентни на надворешни мешања и да завршат политичките и финансиските влијанија во судството, истакна евроамбасадорот Гир во интервју за државната МИА.

Милчо Велески